ВОВЕД

„Кота 2023“ е место за средба без договор. Географски (а со тоа и материјален) центар околу кој се формираат духовни (имагинарни, нереални, но само во смисла во која тоа го дефинираат веќе утврдените и општо прифатени закони на науките и уметностите) светови. Паралелни универзуми во кои се создава, се раѓа идејата како појдовен концепт за сé.

Дефинирана уште од времето на Платон (како ствар сама за себе* и дадена од Бога) и детално разработена од Хичкок кога станува збор за филмот (преку неговата тенденција нарацијата да се прикаже прво со слика, а потем со зборови), таа овозможува развој на минималистичкиот принцип, во кој сите ги имаат истите услови за работа. Секој што не размислува премногу академски (традиционално, воздржано) или премногу експериментално (т.е. во Фон Трир-овски манир менува само по една состојка во супстанцијата), ама и премногу радикално** („Револуцијата е мртва“ – рече еднаш Александер Баланеску) може да препознае, да се стекне со чувство дека нешто е добро направено и оти тоа истото е уште подобро и повредно доколку е оригинално.

Така, всушност, и се избегнува стапицата оние што немаат доволно можности да го обликуваат своето дело технички онака како што посакуваат да бидат лошо прифатени или оценети, иако далеку е и од самата помисла да не им се обрне внимание на другите делови што ја сочинуваат магијата на платното. Токму од таа причина, но и поради минимализмот како форма, се залагаме на „Кота 2023“ барем во првата година (ете уште еден експеримент - медиумот) вашите дела да ги добиваме само во DVD формат. Повеќе детали може да прочитате во следниот параграф-линк: Концепт и Правила.

* Без формата и содржината кои доаѓаат подоцна.
** Кога радикализмот ќе стане појдовна основа на креацијата исто така не е добро.

Ах, сето ова можеше да се сведе и на една реченица: „Камерата во раце, компјутерот пред вас и ПУКАЈТЕ!“ :-)