ВОВЕД

„Кота 2023“ е место за средба без договор. Географски (а со тоа и материјален) центар околу кој се формираат духовни (имагинарни, нереални, но само во смисла во која тоа го дефинираат веќе утврдените и општо прифатени закони на науките и уметностите) светови. Паралелни универзуми во кои се создава, се раѓа идејата како појдовен концепт за сé.

Дефинирана уште од времето на Платон (како ствар сама за себе* и дадена од Бога) и детално разработена од Хичкок кога станува збор за филмот (преку неговата тенденција нарацијата да се прикаже прво со слика, а потем со зборови), таа овозможува развој на минималистичкиот принцип, во кој сите ги имаат истите услови за работа. Секој што не размислува премногу академски (традиционално, воздржано) или премногу експериментално (т.е. во Фон Трир-овски манир менува само по една состојка во супстанцијата), ама и премногу радикално** („Револуцијата е мртва“ – рече еднаш Александер Баланеску) може да препознае, да се стекне со чувство дека нешто е добро направено и оти тоа истото е уште подобро и повредно доколку е оригинално.

Така, всушност, и се избегнува стапицата оние што немаат доволно можности да го обликуваат своето дело технички онака како што посакуваат да бидат лошо прифатени или оценети, иако далеку е и од самата помисла да не им се обрне внимание на другите делови што ја сочинуваат магијата на платното. Токму од таа причина, но и поради минимализмот како форма, се залагаме на „Кота 2023“ барем во првата година (ете уште еден експеримент - медиумот) вашите дела да ги добиваме само во DVD формат. Повеќе детали може да прочитате во следниот параграф-линк: Концепт и Правила.

* Без формата и содржината кои доаѓаат подоцна.
** Кога радикализмот ќе стане појдовна основа на креацијата исто така не е добро.

Ах, сето ова можеше да се сведе и на една реченица: „Камерата во раце, компјутерот пред вас и ПУКАЈТЕ!“ :-)

КОНЦЕПТ И ПРАВИЛА

„Кота 2023“ освен како минималистички е замислен и како фестивал во кој авторите ќе бидат поттикнувани да направат нешто на зададена тема. Таа ќе биде најавувана цела година претходно, но НЕМА ДА БИДЕ ОБВРЗУВАЧКА (овие филмови ќе бидат во посебна категорија). Кога сме веќе кај темата, за 2008/09 таа гласи:

Потрагата по себе и епилог

А кога сме кај категориите, тие се следниве четири*:

  • Краток филм во траење до 30 мин.** - општо
  • Краток филм во траење до 30 мин.** според зададената тема на организаторот
  • Краток филм во траење до 30 мин.** чија појдовна основа е сексуалноста (хомо/би***, секс без љубов и обратно и др.) и проблемите што таа ги носи со себе
  • Краток анимиран/цртан**** филм во траење до 30 мин.**
* Во рамките на овие категории може да испраќате различни материјали, сé освен реклами. Значи и експериментални филмови, филмови снимени во еден кадар, едноминутни, документарци, музички спотови итн... Што се однесува до филмовите во еден кадар со звукот може да си играте како сакате, но пожелно е да биде поавтентичен т.е. да потекнува од местото каде што се одигруваат сцените. Истото важи и за деловите во кои „одат“ насловот и екипата што учествувала на проектот. Кадарот ќе се смета од завршувањето на најавната до почетокот на одјавната шпица. Во него се забранети какви и да било монтажни ефекти, освен оние што ги поседува камерата (се разбира дека претопи не се дозволени ни преку неа и секој обид за манипулација ќе биде санкциониран со неприкажување :-)
** Вашиот филм може да трае и за нијанса подолго (но не повеќе од 45 мин. т.е. половина од времетраењето на просечен целовечерен филм) и ќе биде прикажан доколку ја помине предселекцијата. Не мора да го премонтирате.
*** Во Република Македонија одредени теми како што се хомо- и би- сексуалноста сé уште се кријат зад велот на мистеријата и покрај тоа што се „практикуваат“. Оваа категорија е токму со таа намена, да се разбијат табуата и отворено да се зборува за нив. Многу е чудно што машката хомосексуалност се набљудува како нешто крајно непожелно, а женската како посакуван ориентализам (од машка гледна точка).
**** Има прекрасни македонски уметници, но малкумина од нив работат што и да било во сферата на анимациите, а никој воопшто и не се обидува да прави цртани филмови. Категоријава е еден вид предизвик, обид да се создаде нешто самостојно или во соработка со луѓе од надвор.

Сите материјали мора да пристигнат на DVD (PAL) формат.

Сите материјали мора да бидат на македонски или на англиски, односно преведени (титлувани) на македонски или на англиски. Ова важи и за малцинствата што живеат во Македонија. Во спротивно, нема да бидат прифатени.

Еден автор/школа/клуб може да испрати повеќе филмови (ако сака и на истото DVD), изработени во текот на 2007, 2008 или на 2009 година. (Може да ни праќате и постари филмови. Доколку ни се допаднат ќе бидат прикажани вон официјалната програма, на некој од додатните настани.) Исто така, и повеќе автори може да ги пратат своите филмови на исто DVD и/или во истиот коверт.

Со секој филм треба да се испрати и пополнета пријава, која може да се преземе и испечати од следниов линк: Пријава за право на учество на филмскиот фестивал „Кота 2023“. Ве молиме, пратете ја/ги во електронска форма и на една од нашите e-mail адреси, за да знаеме дека треба нешто да очекуваме од вас.

Последен рок за испраќање е 15 април 2009 година

Филмовите нема да се враќаат. Трошоците ги сносат самите испраќачи.

Организаторот го задржува правото да емитува дел од филмовите за промоција на фестивалот во јавните медиуми.

За емитувањето на филмовите во текот на фестивалот или заради промотивни цели организаторот не надоместува никакви парични средства.

Филмовите и пријавите испраќајте ги на следнава адреса:

Филмски фестивал „Кота 2023“
Игор Спасовски
П. Фах 748, 1000 Скопје

ПС: Доколку испораката на DVD ви претставува проблем, контактирајте нé по e-mail за да видиме дали ќе биде возможно некако да го/ги симнеме вашиот/вашите филм(ови). Ќе мора да ни ја кажете големината на фајлот/фајловите, а филмот/филмовите мора да бидат во DVD (PAL) формат.

СЕЛЕКТИРАНИ ФИЛМОВИ

По 15 април 2009 год.

НАГРАДИ

Првата година „Кота 2023“ е замислен повеќе како фестивал со ревијален карактер, но награди (иако симболични) сепак ќе има. И тоа за:

  • Најдобар филм во категоријата „Краток филм - општо“
  • Најдобар филм во категоријата „Краток филм според зададената тема на организаторот“
  • Најдобар филм во категоријата „Краток филм чија појдовна основа е сексуалноста“
  • Најдобар филм во категоријата „Краток анимиран/цртан филм“

ПС: Излишно е да се напомене дека за младите и надежни филмски творци доволна награда понекогаш може да биде и самиот влез во официјалната конкуренција на прикажување, како потврда оти она што го работат навистина вреди.
ЖИРИ

Жирито ќе биде дополнително соопштено.

КОНТАКТ

Организатор:
film@kota2023.com
kota2023@gmail.com
kota2023@hotmail.com

За сите подетални информации, пофалби, забелешки или сугестии, контактирајте го организаторот на која и да било од e-mail адресите. На истите може да ја пратите и пријавата, доколку сте заборавиле да го сторите тоа заедно со филмот.

ЛИНКОВИ

Организаторот би сакал да им изрази голема благодарност на:

Калина Јанева - која ги преведе содржината на овој сајт и официјалните покани за учество
Бојана Димитрова - која ми помогна во графичкото обликување на сајтот
Британскиот совет во РМ, особено на Елизабета Јовановска - која ми даде одредени насоки во реализација на целиот проект
Виолета Качакова (проект менаџер во Локомотива) - која исто така ми даде одредени насоки и ми помогна подобро да го промовирам фестивалот
Јане Теохаревски - новинар (МРТВ - Биди Така)
Јана Куновска - преведувач
Ана Мисковска Кајевска
Кочо Андоновски (МАССО - Македонска асоцијација за слободна сексуална ориентација)
Шведска амбасада во РМ
Амбасада на Босна и Херцеговина во РМ
Чешка амбасада во РМ
Амбасада на Хрватска во РМ


plagij.at - бор во македонската интернет шума! Или-Или - книжарница и издавачка куќа Ново кино Напредок
Локомотива - нова иницијатива filmovi.com.mk - Прв македонски филмски портал Биди така
Темплум - издавачка куќа LINE - иницијатива и движење Come Clean - графити дувло
Канал 103 - Искра светлина Контрапункт Бастиан - изнајмување и продажба на DVD филмови